Ја средивме Грција, во футсал

Футсал-репрезентацијата на Македонија со победа против Грција од 5:3 го отвори претквалификацискиот турнир за пласман во следната рунда квалификации за Светското првенство. Нашата селекција одигра одлично прво полувреме, но малку фалеше да направиме од готово вересија откако противникот израмни на 3:3. Во клучните моменти, Марио Крстовски беше најприсебен и со два гола придонесе за конечна победа од 5:3.

Македонија поведе со 1:0 по акцијата на Андов и Леовски. Водството го удвои Зибери по асистенција на Крстовски, а неколку минути подоцна погоди и Левески за убедлива предност од 3:0.

Домашните во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ го чуваа водството само до 30-тата минута, кога концентрацијата во одбраната падна и Грција со три брзи гола само за пет минути стигна до израмнување од 3-3. Стрелци на головите беа Ставрокопулос и Тарлас (даде два гола).

Сепак, во клучните моменти од мечот Крстовски беше најприсебен и со два гола донесе конечна победа. Во првиот натпревар од нашата група, Албанија со 5:0 го совлада Сан Марино. Во второто коло, Македонија ќе се судри со Сан Марино, додека противник на Грција ќе ѝ биде Албанија.

- Оглас -

Најнови вести