По 26 години поминати во Формула 1, името на екипата на Заубер замина во историјата. Во новата сезона, екипата ќе го носи името Алфа Ромео Рејсинг. Ова е враќање на Алфа Ромео во Ф1 по пауза од повеќе од три децении. Претходно овој тим не можеше да влезе во Ф1 поради партнерството што го имаше со Ферари, бидејќи беше дел од групацијата „Фиат“ .
„Со големо задоволство објавуваме дека ќе бидеме дел од Формула 1, и тоа како Алфа Ромео Рејсинг. По успешната соработка со Алфа во минатата сезона, направивме подобрување на технички и спортски план, па затоа во новата сезона ќе возиме како Алфа Ромео Рејсинг тим“, вели Фредрик Васер, кој е прв човек на тимот.
Името на Заубер беше дел од Ф1 од 1993 година, а остана и по купвањето на БМВ во периодот од 2006 до 2009 година. Тимот освојуваше бодови во секоја од сезоните, освен во 2014 година, кога се соочи со големи финансиски проблеми. Заубер нема освоено ниту една титула во Ф1, додека Алфа Ромео е екипа која се радувала на титулите во Ф1 во 1950 и 1951 година.
Моторот на Алфа Ромео ќе биде од Ферари, а возачи во новата сезона ќе бидат Кими Раиконен и Антонио Џовинаци.