Тиктокер кој никогаш не играл кошарка успеа да се пријави на НБА-драфтот за оваа година

Џордан Хабер е познат инфлуенсер на социјалната мрежа ТикТок, а од денеска и дел од драфтот во 2023 година за НБА-лигата. Иако никогаш не играл кошарка, Хабер успеал да најде начин како да се пријави на драфтот и на тој начин да добие облог од пријателите.

„Се обложив со пријателите дали ќе успеам да се пријавам на НБА-драфтот. Веројатно сега сите се прашуваат: „Кое е ова дете?“. Како успеа да најде дупка во правилникот за да се пријави на драфтот кога тоа не смееше да се случи. Јас сега гордо можам да кажам дека сум дел од НБА-драфтот во 2023 година, а за кратко време ќе бидам и дел од имињата кои биле дел од драфтот, а не биле избрани од ниту еден НБА-тим“, вели Хабер.

Се претпоставува дека тик-токерот успеал да се пријави на драфтот искористувајќи го фактот дека го завршил колеџот и има 21 година, па со тоа стана и достапен да биде дел од драфтот. Во правилникот не е дефинирано дека пријавените мора да се занимаваат со кошарка и затоа немало никаква пречка за Хабер да биде дел од повеќе од 300 пријавени на НБА-драфтот кој ќе се одржи утре.

Првиот пик на драфтот ќе биде чудесниот Французин Виктор Вембанјама, а право на првиот пик ќе има Сан Антонио спарс.

 

- Оглас -

Најнови вести