Претставници на Пари Сен Жермен предводени од претседателот Насер Ал Келаифи од една, и Килијан Мбапе со мајка му од друга страна, утре треба да имаат состанок на кој треба да се најде излез од ситуацијата во која се најдоа откако Мбапе рече дека не сака да го продолжи договорот до 2025, а од клубот му порачаа или нов договор или ќе биде продаден летово.
Мбапе има желба да остане во ПСЖ уште една сезона, а потоа како слободен да реши каде ќе ја продолжи кариерата. Од ПСЖ рекоа дека нема шанса за такво нешто и не би ризикувале да останат без него без да добијат отштета. Реал Мадрид кој е заинтересиран за Мбапе, сака да го земе Килијан, но следното лето, не и ова.
Затоа и во Реал ќе го чекаат исходот од утрешниот состанок во Париз. Сите опции се отворени, но во последните часови се спомнува една варијанта која е компромис од кој би биле задоволни и Мбапе и ПСЖ, донекаде и Реал.
Сценариото кое се спомнува е Мбапе да го продолжи договорот со ПСЖ, но да добие ветување дека клубот следното лето нема да му прави пречки да се пресели во Реал Мадрид. Во ваков случај, ПСЖ ќе остане без Мбапе, но барем ќе добие пари за него. Мбапе ќе заработи многу пари за останувањето во ПСЖ уште една сезона, а би го направил својот посакуван трансфер, додека Кралскиот клуб ќе го купи напаѓачот кој го брка уште од 2017 година.