На градскиот плоштад „Нова Југославија“ во Куманово денеска од 18 до 21 часот ќе се одржи летниот караван на ФК Црвена ѕвезда, на кој пред навивачите и љубителите на спортот ќе бидат претставени трофеите на клубот освоени сезонава, но и оној највредниот, за освоената титула во Купот на европските шампиони од 1991 година.
Ѕвезда редовно го прави овој караван за своите фанови надвор од Белград, а ова е првпат пехарите да дојдат во Македонија.
„Караванот ја носи двојната круна освоена од првиот тим на ФК Црвена ѕвезда годинава, како и пехарот од Бари. Сите посетители ќе имаат можност да се фотографираат со пехарите. Тричасовната дружба ќе биде збогатена со музика и дружење на фановите и постарите навивачи на Црвена ѕвезда со најмладите кои штотуку ја откриваат својата љубов кон клубот“, вели Емил Ташевски, организатор на манифестацијата во Куманово.
На настанот официјално се поканети и некои од клупските легенди од Македонија, како Дарко Панчев, Илија Најдоски, Митко Стојковски и Перо Антиќ.