Миленковски: „Вардар е клуб на народот, а сега е време народот да му помогне на Вардар“, Гачевски: „Време е да видиме кои се правите вардарци“

Фудбалерите на Вардар и претставници на навивачката група Комити денес одржаа прес-конференција на која информираа за состојбата во клубот и ја најавија новата акција за спас на клубот. Вардар по пауза од две сезони, се врати во прволигашката конкуренција, а сега се потребни средства за нормално функционирање на клубот.

„Слоганот на акцијата е ‘Вардар клуб на народот’ и тоа значи дека народот има право да знае што се случува во клубот. На 30 март 2021 година Вардар ја имаше последната прес-конференција кога требаше спас на клубот како сега. Безмалку три години се бориме за спас на Вардар. Пред три години беа продадени 33.381 карти и тоа беше најголемата акција. Тогаш дадовме време Вардар да преживее. Најдовме човек кој влезе во Вардар, но видовме дека работоте не одат како што посакуваме. Тоа што се ветуваше не беше остварено и затоа во март започнавме една голема акција и верувам дека на крајот ќе триумфираме. Во Кавадарци во плејофот за влез во Прва лига видовте што може да се направи кога сите се сплотени. Од ноември 2018 година сметката на клубот е блокирана. Вкупно 12 општини и градот Скопје застанаа како поддршка“, изјави Милорад Миленковски, преставник на НГ Комити.

Миленковски ја најави и новата акција за спас на Вардар, а тоа е продажбата на сезонски билети по 1.000 денари.

„Со купувањето на сезонските билети да се преброиме колку сме кои го сакаат Вардар. Се надеваме дека во новата сезона ќе играме на Градски. Оваа акција сега што ја спроведуваме е продолжување на акцијата од пред две години кога беа продадени 33.381 билети. Сега таргетот е 10-пати поголем. Веруваме дека може да се продадат билетите, а Вардар да заработи над 500.000 евра. Заедно да покажеме како се сака клубот на народот“, рече Миленковски.

Акцијата симболично започна вчера во 19:47 часот, а само за неколку часа се продадени околу 300 сезонски билети, односно се собрани околу 300.000 денари.

„Сега е време да се видат вистинските вардарци. Сигурен сум дека акцијата ќе биде успешна“, изјави Филип Гачевски, голман и капитен на ФК Вардар.

Сезонските билети може да се купат на следниов ЛИНК.

 

- Оглас -

Најнови вести