Европската ракометна федерација, ЕХФ, денес го објави списокот на екипи кои ќе играат во новата сезона во второто по ранг клупско натпреварување, Лигата на Европа.
Согласно рејтингот на Македонија, вицешампионот Алкалоид заедно со уште 26 екипи добија директно место во групната фаза, која ќе се состои од 32 екипи. Според рангирањето на екипите, дебитантот на европската сцена се најде во вториот шешир.
Вториот наш претставник, екипата на Вардар, ќе биде помеѓу оние 10 екипи кои ќе играат квалификации и само петте победници ќе им се приклучат на 27-те екипи кои се веќе во групите од ракометната Лига на Европа.
Вардар е аутсајдер и во квалификациите, па за можни противници ќе ги има екипите на Рајн Некар Левен (Германија), Брага (Португалија), Грањолерс (Шпанија), Пфади Винтертур (Швајцарија) и Истад (Шведска).
Доколку Вардар успее да ги мине квалификациите, тогаш би бил во последниот, четврти шешир во групите на Лигата на Европа.
Објавени се и екипите кои ќе учествуваат и во третото по квалитет клупско натпреварување, Европскиот куп, каде што наш претставник ќе биде екипата на Тиквеш од Кавадарци.
Тиквеш натпреварувањето ќе го започне директно од второто коло и ќе биде помеѓу носителите, а доколку успее да мине во третата рунда, во продолжение од натпреварувањето ќе биде аутсајдер.
Ждрепката за европските купови ќе се одржи на 18-ти јули во Виена.