Управата на ПСЖ е свесна дека шансите да го задржи Килијан Мбапе од ден во ден стануваат сè помали, и поради тоа ја започна потрагата по негов наследник.
Претседателот на ПСЖ, Насер ал-Келаифи, му постави ултиматум на Мбапе, да потпише нов договор или ќе биде продаден ова лето бидејќи не сака да дозволи својот најдобар играч да замине идното лето бесплатно.
Повеќе од сигурно е дека Мбапе кариерата ќе ја продолжи во Реал Мадрид, а ПСЖ веќе ја започна операцијата за ангажирање на негова замена. На списокот на Ал-Келаифи се наоѓаат три имиња, Хари Кејн, Душан Влаховиќ и Рандал Коло Муани, објави Радио Монте Карло.
Иако Кејн ги договори личните услови со Баерн Минхен, во ПСЖ се надеваат дека ќе успеат да го убедат да се пресели на „Паркот на принцевите“. Адутот на ПСЖ е платата, Кејн се договори со Баерн за годишна нето плата од 12 милиони евра, но Светците можат да му понудат многу повеќе и според радиото, викендов ќе има средба меѓу агентите на фудбалерот на Тотенхем и на управата на ПСЖ.
Доколку не успеат да го убедат Кејн да потпише, алтернатива се Влаховиќ и Коло Муани кои идеално би се вклопиле во системот на игра (4-3-3) на новиот тренер Луис Енрике. Влаховиќ би чинел помалку пари, околу 75 милиони евра, додека Ајнтрахт за Коло Муани бара 100 милиони евра отштета.