Поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ, Борис Бекер, смета дека тенисот добива нов лидер по финалето на Вимблдон во кое славеше младиот Шпанец, Карлос Алкарас.
Алкарас во пет сета го совлада Ѓоковиќ во неделното финале и го оневозможи српскиот тенисер да дојде до петтиот триумф по ред на Вимблдон и вкупно осми на најпрестижниот тениски турнир.
„Мислам дека имаме нов крал кој го исфрли стариот во возбудливото финале. По првиот сет мислев дека Ѓоковиќ ќе победи, но Алкарас по вториот сет ја пронајде својата игра. Ова е голем удар за Новак кој сигурно не очекуваше дека ќе загуби“, вели Бекер.
Германецот смета дека не смее да се отпише Ѓоковиќ на следниот гренслем-турнир, Отвореното првенство на САД, но главен фаворит за трофејот ќе биде Карлос Алкарас.
„Новак сега ќе мора да разговара со семејството и неговиот тим. Ќе видиме што ќе се случува, има 36 години, но и понатаму е во форма. Годините не се најважни, туку мотивацијата. На САД опен, Новак ќе атакува на нова титула, но според мене Алкарас е главниот фаворит“, смета Бекер.