Се зголемува српската колонија во РК Вардар 1961 (Фото)

Младиот српски бек Матија Николиќ успешно ги помина лекарските прегледи и потпиша двегодишен договор со ракометниот клуб Вардар 1961, со можност за плус уште една. Тој веќе работи со екипата во Скопје и ќе продолжи на подготовките за новата сезона.

Вардар сезонава ќе има подмладен тим особено на бековската позиција. Николиќ е третото засилување за Црвено-црните, по левото крило Марко Срдановиќ кој исто така потпиша двегодишен договор со скопјани, и Стефан Петриќ.

Николиќ има 22 години и во последните три сезони настапуваше во словенечкиот шампионат каде го носеше дресот на Шкофја Лока. Таму се пресели во сезоната 2020/21, и тогаш на 26 меча даде 75 гола.

Сезонава исто така играше во Словенија и на 25 натпревари постигна 80 погодоци. Додека играше во Србија беше дел од Црвена Ѕвезда. Во своето „си-ви“ има настапи и за младинската репрезентација на Србија.

На подготовките на Вардар има уште неколку принови кои треба да ги минат лекарските прегледи пред да ги потпишат и официјалните договори со клубот.

- Оглас -

Најнови вести