Роналдо и Ал-Наср одолеаја на гигантот, ПСЖ не изгледа моќно без Меси и Мбапе

По два убедливи порази од Селта (5:0) и Бенфика (4:1), саудискиот Ал-Наср за кого настапува Кристијано Роналдо, денеска не загуби од европски тим.

На Јанмар Нагаи стадионот во Осака, Јапонија, Ал-Наср одигра без голови против ПСЖ за кого не играше Килијан Мбапе кој поради „војната со управата“ остана во Париз.

Тренерот Луис Енрике не му даде шанса да игра ниту на Нејмар, но и покрај тоа, ПСЖ беше подобар тим на теренот, но не успеа да постигне гол. Иако се подготовки, ПСЖ не изгледа толку моќно на теренот без Мбапе и Лионел Меси кој си замина и се пресели во МЛС-лигата.

Светците упатија седум удари во рамките на голот на Ал-Наср, додека саудискиот тим имаше еден шут, во 38-та минута преку Роналдо, но не успеаја да ги затресат мрежите.

Следниот натпревар за Ал-Наср ќе биде за два дена и тоа против европскиот вицешампион Интер. Мечот исто така ќе се игра во Осака.

ПСЖ на турнејата во Јапонија ќе одигра уште два меча, в петок против Серезо Осака, а идниот вторник ќе игра против Интер.

 

 

- Оглас -

Најнови вести