Репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 18 години ја забележа првата победа на Европското првенство – Б дивизија во Матошињос, Португалија, откако вечерва ја совлада Норвешка со 100-80.
Сепак, оваа победа за нашите кошаркари е пирова, бидејќи веќе ги загубивме шансите за пласман во четвртфиналето и ќе мора да се задоволиме со разигрување за пласман од 9-тото до 16-тото место. Велика Британија и Австрија ќе продолжат во следната фаза, а Македонија токму од овие селекции ги доживеа стартните порази на ЕП – Б дивизија во Португалија.
Денешниот дуел започна со изедначена игра. Првата четвртина заврши нерешено 20-20, а во втората нашите млади кошаркари дојдоа до предност од три поени разлика и на полувремето се замина со резултат 46-43 за Македонија.
Отпорот на Норвешка беше скршен во второто полувреме, најпрво со третиот период кој ни припадна со шест поени разлика, а потоа и во четвртата четвртина која ја добивме со 10 поени разлика за конечни +20 и победа од 100-80.
Најефикасен во нашата репрезентација, воедно и воопшто на натпреварот, беше Никола Јаничиќ со 24 поени. Уште четворица кошаркари завршија со двоцифрен број на поени во репрезентацијата на Македонија, и тоа Шошкиќ со 15, Иванов 13, Луканоски 12 и Стојковиќ 10.
Во репрезентацијата на Норвешка најпрецизен беше Оскар Хелебуст со 18 поени.
Нашите кошаркари утре со почеток во 16:30 часот го играат последниот натпревар од групната фаза, а противник на Македонија е селекцијата на Исланд.