Балкани и Хамрун ја спасија честа на домаќините, можните противници на Струга одиграа нерешено (Видео)

Вечерва освен натпревари од квалификациите за Лигата на шампионите, се играа и пет натпревари од квалификациите за Конференциската лига, во оној дел каде настапуваат шампионите за државите.

Главна одлика на овие е натпревари се одличните резултати на екипите кои играа на гости. Шампионот на Албанија, екипата на Партизани од Тирана забележа минимална победа од 0-1 на гостувањето кај Атлетик Ескалдес од Андора. Единствениот погодок беше дело на Кристиан Мба во 53-тата минута. За екипата на Партизани настапија двајца македонски интернационалци. Давид Атанаскоски ги одигра сите 90 минути, додека Сабит Биљали во игра влезе во 65-тата минута.

Гостинска победа забележа и екипата на Валмиера од Летонија против Тре Пене од Сан Марино со убедливи 0-3.

Можните противници на шампионот на Македонија, Струга Трим Љум, екипите на ТНС од Велс и Есперанж од Луксембург одиграа нерешено, 1-1. Гостите од Луксембург дојдоа во водство во 14-тата минута преку Мартинс, а домашните израмнија во 74-тата минута преку Холден. Интересно, екипата на Есперанж го промаши и третиот пенал во серија, откако Столц не реализираше најстрога казна во 57-мата минута. Есперанж претходно промаши два пенали на реваншот од Лигата на шампионит против Слован Братислава.

Шампионот на Косово, Балкани, забележа убедлива победа од 3-0 над Ларн од Северна Ирска. Головите за клубот од соседството ги постигнаа Рахмани од пенал, Крејзиу и Грипши.

Домашна победа забележа и шампионот на Малта, Хамрун, кој со пресврт го совлада грузиски Динамо Тбилиси. Гостите од Грузија дојдоа во водство во 60-тата минута преку Марушиќ, а домашните направија пресврт во финишот со двата погодоци на Мбонг во 81-вата и 98-мата минута.

- Оглас -

Најнови вести