Екипата на Ал-Наср полека но сигурно влегува во посакуваната форма, а за тоа говори и вториот добар резултат против европски противник само во два дена. Во вторникот Ал-Наср одигра без голови, 0-0, против ПСЖ, а денес не загуби ниту од Интер, против кого одигра 1-1.
Тимот на Кристијано Роналдо и Марсело Брозовиќ дури успеа и прв да дојде во водство, и тоа преку Абдулрахман Гареб во 23-тата минута, по одличната асистенција на Бразилецот Андресон Талиска.
Интер го израмни резултатот преку Давиде Фратеси во самиот финиш на првиот дел, односно во 44-тата минута, што на крајот се покажа и како конечен резултат на овој натпревар.
Со овој натпревар завршува азиската турнеја за Ал-Наср, а клубот веќе од утре ќе учествува на Арапскиот куп, но останува нејасно дали ќе настапат и големите ѕвезди.
За разлика од нив, екипата на Интер останува во Јапонија и во вторник на Националниот стадион во Токио ќе игра пријателски натпревар против ПСЖ.