Алегри е лут: Не се игра за Јувентус со несериозен пристап

Парма го изненади Јувентус со реми 3:3 во Торино, а кризата кај шампионот е очигледна, па веднаш реагира тренерот Масимилијано Алегри.

Тој упати критики за играта на дефанзивците и посебно за капитенот Марио Манџукиќ, кој ноншалатно им подари топка за гол на гостите во 93. минута.

„Не можете со таков однос да играте во Јувентус. Во последни моменти од мечот не се дава таков подарок на противникот. Марио можеше и требаше да ја избие топката на противничката половина“, вели Алегри.

Јувентус има два меча без победа, а и на двата прими неочекувано голем број на погодоци, по три од Аталанта и Парма.

„Во одбраната игравме како дезориентирани. Имаше вишок на потези, а бевме и премногу меки во дефанзивата. Недозволено е за Јувентус да се постигнат три гола и да не се победи на домашен терен“, додаде Алегри.

Јувентус за кус рок го загуби ореолот на тим што има најдобра одбрана во Серија А, па веројатно и во Европа, а повредите го сардисаа шампионот на Италија.

Поради повреди не играат столбовите на одбраната, Кјелини, Бонучи и Барѕаљи, а што е лошо за Јувентус се ближи почетокот на осминафиналниот двомеч со опасниот Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите.

Првиот дуел е на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид на 20. февруари. Според најавите Кјелини веројатно ќе може да игра, додека неизвесен е настапот на Бонучи и Барѕаљи.

- Оглас -

Најнови вести