Со обнова на договорите со Бојан Крстевски (34 год, 208 см) и со Дамјан Робев (26 год, 195 см), како и со повторниот ангажман на Љубомир Младеновски (28 год, 210 см), македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром го комплетира составот со кој во новата сезона ќе ја брани двојната круна во Македонија и ќе го нападне тронот во АБА2, а со тоа и враќањето во јадранската елита.
Крстевски останува верен на Штрковите и петта сезона по ред ќе биде домашен бедем под кошевите. Според очекувањата од МЗТ, тој треба да биде лидер на теренот и надвор од него како еден од најискусните во ростерот. Пред Робев е третата сезона во плаво-белиот дрес, во која од него се очекува максимално да ја искористи минутажата и да се наметне како еден од носителите на играта.
За Младеновски ова е втор камбек во МЗТ. Прво настапуваше во периодот од 2013 до 2017 година, а потоа и во сезоната 2018/19. Сите пет досегашни сезони во дресот на МЗТ ги круниса со шампионска титула, а сега доаѓа многу поискусен, но и по потешка повреда со цел да покаже дека сѐ уште може да игра на највисоко ниво и дека може да даде огромна помош во обидот аеродромци да ги остварат зацртаните цели.
Со оваа македонска тројка од играчи, МЗТ Скопје Аеродром го заокружи тимот од 12 кошаркари на кои ќе смета тренерот Васко Атанасов за претстојната сезона. Во составот се уште и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Андоновски, Марин Петков, Марко Миловановиќ, Србинот Душан Танасковиќ, Хрватот Марко Баковиќ и Американците Седрик Расел и Ејасу Ворку.
Дел од екипата ќе бидат и неколкумина од најталентирани млади кошаркари од школата на МЗТ, предводени од Бојан Величковски, кои по потреба ќе бидат вклучувани во ростерот за средбите од домашните натпреварувања и АБА2-лигата.