Барселона во последната деценија на трансфери загуби речиси половина милијарда евра

Шпанскиот шампион Барселона деновиве и официјално ќе остане без Осман Дембеле бидејќи ПСЖ ја активира откупната клаузула од 50 милиони евра, што е уште еден доказ за лошите потези на управите на Барселона поради кои го фрлија клубот во долгови.

Барселона во 2017 година ѝ плати 140 милиони евра на Борусија Дортмунд за Дембеле и ќе биде во минус дури 90 милиони.

Според специјализираната интернет-страница за трансфери, „Трансфермарк“, Барселона од сезоната 2014/15 до денеска загубила речиси половина милијарда евра, поточно 482,4 милиони, поради лоша трансфер-политика.

Барселона од 2014 па досега купила 53-ца фудбалери, за кои платила 1,27 милијарда евра отштета. Кога од овие бројки ќе се одземат тие за фудбалерите кои сè уште се дел од тимот и ќе се сметаат само играчите кои си заминале, Барселона платила 994,51 милиони евра. На нивна продажба заработила 564,55 милиони и минусот изнесува 482,4 милиони. Сите најлоши трансфери се направени во ерата на поранешниот претседател на Барселона, Хосеп Марија Бартомеу.

Убедливо најлоша инвестиција на Барселона е Филипе Кутињо, за кого во 2018 година на Ливерпул му плати 135 милиони евра. Бразилецот не се снајде на „Камп ноу“, помина една сезона на позајмица во Баерн Минхен, кој за тоа плати 8,5 милиони евра, а минатото лето беше продаден на Астон вила само за 20 милиони. Барселона само од Кутињо е во минус од дури 106,5 милиони евра.

Втора најголема загуба додека се официјализира трансферот на Дембеле е погрешниот потег со Антоан Гриезман. Барселона за него во 2019 година му плати 120 милиони евра на Атлетико Мадрид, а Јорганџиите си го вратија назад Французинот само за 30 милиони евра.

Големи пари Барселона загуби и на Луис Суарес, но Уругваецот барем со неговите игри и голови донесе европски и домашни трофеи на „Камп боу“. Барселона го плати 81 милион евра, а на Атлетико Мадрид му го продаде само за девет милиони и направи минус од 72,72 милиони.

Топ 10 најлоши трансфер-потези на Барселона

Филипе Кутињо минус од 106,5 милиони евра
Антоан Гриезман минус од 90 милиони евра
Луис Суарес минус од 72,72 милиони евра
Миралем Пјаниќ минус од 60 милиони евра
Арда Туран минус од 34 милиони евра
Нето минус од 26 милиони евра
Самуел Умтити минус од 25 милиони евра
Тринкао минус од 23,94 милиони евра
Сержињо Дест минус од 21 милион евра
Жереми Матје минус од 20 милиони евра

- Оглас -

Најнови вести