Одбојкарските репрезентации на Македонија и Романија вечерва одиграа тренинг натпревар во спортската сала Јане Сандански во рамки на подготовките за настапот на Европското првенство. Иако натпреварот беше неофицијален и повеќе наликуваше на заеднички тренинг, сепак, романците на социјалните мрежи се пофалија дека победиле со 3-0, по сетови 25-21, 25-22 и 25-18. Како објавија од одбојкарската федерација на Романија, на крајот се одиграл уште еден сет во кој гостите играле со резерви, а Македонија победила со 25-20.
Од видеото кое е објавено на официјалната Фејсбук страна на Одбојкарската федерација на Македонија, се гледа дека натпреварот наликува на тренинг во кој се испробуваат разни варијанти, а наместо сервис, помошник тренерот Хари Наковски ја уфрла топката во игра.
Македонија и Романија утре со почеток во 19 часот ќе одиграат официјален пријателски натпревар во спортската сала Јане Сандански во Скопје, кој ќе биде отворен за сите љубители на одбојката и воопшто спортот.