Филмска приказна со среќен крај за тенисерот кој имаше и суспензија поради кокаин, стигна до највредниот трофеј во кариерата

Четири месеци британскиот тенисер Даниел Еванс немаше ниту една победа на АТП-турнирите, но 34-годишниот играч не планираше да се откаже. Изминатата недела тој учествуваше на турнирот во Вашингтон и на крајот стигна до трофејот.

Во финалето, Еванс по голема борба го победи Талон Грикспор од Холандија со 7:5 и 6:3. Во првиот сет беше израмнето и двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис сè до 6:5 за Еванс. Холанѓанецот требаше да сервира за да обезбеди тајбрејк, но Еванс во вистински момент за него успеа да направи брејк и стигна до 1:0 во сетови.

Во вториот сет, исто така доволен беше еден брејк за Еванс да го добие сетот со 6:3 и да стигне до највредниот трофеј во кариерата.

Низ кариерата, Еванс го доби прекарот „лош дечко на британскиот тенис“ и двапати го губеше финансирањето од Федерацијата, и тоа поради бурниот ноќен живот и непримерното однесување. Дури беше и суспендиран откако беше позитивен на допинг-тестот за кокаин.

И покрај сите овие препреки, Еванс не се предаде и сега стигна до трофејот во Вашингтон, а на АТП-листата е на 21-вото место во светски рамки.

 

- Оглас -

Најнови вести