Македонскиот фудбалски шампион Струга ТЛ утре од 17 часот на стадионот на тренинг-центарот на ФФМ, „Петар Милошевски“ ќе го игра првиот натпревар од третото коло во квалификациите за пласман во Лигата на конференции против Есперанж од Луксембург.
Шпетим Дуро, тренерот на единствениот преостанат македонски тим во европските квалификации, очекува неговите избраници да остварат победа, но притоа не го потценува противникот.
„Ова е натпревар кој со големо нетрпение го чекаме. Знаеме дека пред нас е историска шанса да дојдеме до плејофот и затоа секој во тимот носи огромен мотив за надигрување и успех. Секој натпревар за нас во Европа е голем предизвик, така ќе биде и утре и посакувам позитивен резултат пред реваншот.
Есперанж е тим кој не смее да се потцени, тие се шампиони на Луксембург. Двете екипи во двомечот стартуваат со подеднакви шанси, но јасно е дека наша цел ќе биде победа на домашен терен. Радески е во одлична форма и сигурно сакаме да го искористиме тоа. Нема што многу да менуваме во формацијата затоа што досега победувавме на тој начин. Секако дека крајна наша цел е да дојдеме до групната фаза во Конференциската лига. Ќе се обидеме иако знаеме дека ќе биде тешко“, изјави Дуро на денешната прес-конференција.