Уапсените навивачи на Динамо Загреб, кои во понеделникот низ улиците на Атина предизвикаа хаос кој резултираше со смрт на навивач на АЕК Атина, Михалис Кацурис, остануваат во притвор сè до започнување на судењето, одлучи судот во Атина.
Грчкото обвинителство покрена обвинение против 104-ца хулигани, а според порталот „ЊузИТ“, тие се обвинети за четири казнени дела и се поднесени седум прекршочни пријави.
Казнените дела за кои се обвинуваат се: убиство од небрежност, здружување во злосторничка организација, поседување експлозивни средства и предизвикување експлозија.
Прекршочните пријави се за нарушување на јавниот ред и мир, обид за нанесување тешки телесни повреди, илегално носење оружје, користење оружје, поседување факли, оштетување на туѓ имот и за насилство.
Полицијата и обвинителството ги прегледуваат одземените мобилни телефони на уапсените навивачи, а во исто време се испитуваат генетски материјали и видеоснимки со цел да се идентификува убиецот на 29-годишниот Кацурис.
Според грчките медиуми, засега не е пронајден ножот со кој е убиен навивачот на АЕК, но е пронајдена поголема количина ладно оружје кое е предмет на истрага.