Екипите на Челзи и Ливерпул одиграа без победник, 1-1, во првото големо дерби во Премиер лигата. Сите возбудувања се случија во првиот дел на “Стемфорд бриџ“. По еден погодок во двете мрежи и по еден поништен погодок за двете екипи. Статистички Челзи беше подобар противник, но не успеваше тоа да го круниса со погодок, што ќе значеше победа и три бодови на стартот од првенството.
Ливерпул дојде во водство во 19-тата минута преку Луис Диас, а во 29-тата минута погодок постигна и Мохамед Салах, но беше поништен поради офсајд.
Конечните 1-1 беа поставени во првото полувреме, односно во 37-мата минута кога Аксел Дисаси стрелаше во мрежата на Ливерпул. Во првиот дел и на Челзи му беше поништен погодок поради офсајд и тоа на Чилвел во 39-тата минута.