Кошаркарската репрезентација на Македонија го доживеа и вториот пораз на претквалификацискиот турнир за пласман на Олимпијадата во Париз. Нашите кошаркари после вчерашниот пораз од Израел со 21 поени разлика, денес загубија уште поубедливо од домаќинот Естонија во Талин со 83-59.
Поразот од 24 поени разлика е сосема заслужен, со оглед на катастрофалната игра посебно во првата четвртина, која ја загубивме со 25-7. Естонија ја доби го доби и вториот период, но овојпат со 19-15 за голема предност на полувремето од 44-22.
Рамноправна игра прикажавме во третиот период кој го добивме минимално со 22-21, а она што е интересно, нашиот напад само во третата четвртина постигна ист број на поени како во целото прво полувреме.
Остатокот од мечот беше само формалност и можност на теренот да ги видиме сите расположливи кошаркари од двете екипи.
Во репрезентацијата на Македонија најефикасен беше Војдан Стојановски со 12 поени, додека Ти Џеј Шортс постигна поен помалку.
Последниот натпревар од турнирот во Талин ќе го одиграме против селекцијата на Чешка во вторник со почеток во 15:30 часот.