Убедливите порази од селекции како Чешка, Естонија и Израел се доказ дека кошаркарите се далеку од европската елита

Кошаркарската репрезентација на Македонија е поразена и во третиот натпревар на претквалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ 2024 во Париз, кој се игра во Талин, Естонија.

Кошаркарите денеска се поразени од Чешка со 94:82 и го освоија последното, четврто место во групата А, со што заврши олимпискиот сон за кошаркарите. Исто така натпреварите во Талин покажаа дека Македонија е веќе далеку од европската елита.  Во првиот натпревар Македонија загуби од Израел со 86:65, а во вториот Естонија славеше со 83:59.

Дуелот со Чешка беше и најдобар кој го одиграа избраниците на селекторот Александар Јончевски. На две минути до крајот во втората четвртина, со тројката на Ѓуроски, Македонија поведе и со 37:35, но до крајот на првиот дел Чесите направија серија 10:2 и на одмор заминаа со плус шест (45:39).

Во второто полувреме доминираа Чесите, веднаш направија двоцифрена предност, која ја одржуваа до крајот за конечен триумф од 94:82.

Најдобар кај Македонија беше Ти Џеј Шорст со 27 постигнати поени.

- Оглас -

Најнови вести