После убедливите порази од Израел, Чешка и Естонија, селекторот на машката кошаркарска репрезентација на Македонија, Александар Јончевски, направи резиме на настапот на Црвено-жолтите и го потврдува тоа што сите го знаат.
„Додека сите други екипи имаа играчи од најсилните светски лиги, ние имавме огромни проблеми и да го составиме тимот по многубројните откажувања. Па така шанса за настап добија играчи кои тука имаа многу поголема минутажа и од онаа која ја имаат во нивните клубови. Можеби тоа е и најголемиот проблем, дел од нашите стандардни, а сега и потенцијални репрезентативци не добиваат доволно простор каде би можеле да напредуваат. Некои од нив ги одиграа и првите минути во сениорска репрезентативна кошарка“ – вели Јончевски.
„Верувам дека од овој турнир ќе извлечеме огромна поука, не само ние во стручниот штаб, туку и самите играчи. Во моментов сме далеку од квалитетот на репрезентациите со кои сме биле рамо до рамо, а некогаш и многу подобри. Треба да сфатиме дека тоа време помина, и дека сега е времето на новата генерација која треба да даде резултат во наредниот период. За да се случи тоа треба огромна работа, пожртвуваност и желба од страна на потенцијалните репрезентативци, а секако и услови во клубовите во кои настапуваат“ – потенцира Јончевски во својата кратка анализа на случувањата во Талин.