Претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александер Чеферин, денеска пристигна во Атина и една недела по убиството на навивачот на АЕК, повика на решавање на проблемот со хулиганството.
„Проблемот со насилството и хулиганството не е само грчки, туку и европски. Ги повикувам сите на европско ниво да го искоренат овој канцер“, изјави Чеферин, по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Минатата недела навивачот на АЕК Атина, Михалис Кацурис, беше убиен во нередите кои ги предизвикаа навивачите на Динамо Загреб и на грчкиот тим.
„Ќе направиме сè што е во наша моќ да не дозволиме повторно да се случи ваква трагедија“, додаде Чеферин.
Грчката полиција и обвинителство уапсија и обвинија 105 навивачи кои учествуваа во нередите во Атина. Моменто се врши анализа на мобилните телефони на уапсените хрватски навивачи, а денеска се очекува да бидат објавени резултатите од ДНК-анализата на облеката и ладното оружје кое било пронајдено.