Каков малер: Имаше закажано лет за Минхен, каде што го чекаше договорот на кариерата, но го повреди рамото на последниот меч

Баерн Минхен нема среќа во потрагата по нов голман за следната сезона, извиси во два случаи, а третата опција не потпиша за германскиот шампион поради невиден малер.

Управата на Баерн ги договори сите детали со голманот на Ајакс, Херонимо Рули. Чуварот на мрежата веќе имаше закажано авионски лет за Минхен, каде што требаше да ги изврши лекарските прегледи и потоа да го потпише договорот, но доживеа голем малер.

Тој во мечот од првото коло на Ередивизијата против Хераклес го повреди рамото и по прегледите е утврдено дека ќе мора да паузира барем три месеци, по што му пропадна трансферот на кариерата.

Баварците прво го сакаа Кепа Аризабалага од Челзи, но Шпанецот одлучи да се врати во татковината и следната сезона да ја мине на позајмица во Реал Мадрид, по што се свртеа кон Јасин Боно од Севиља, но овојпат побрз беше Ал-Хилал.

Како можно решение се најавува Давид де Хеа, кој по 11 сезони поминати на „Олд трафорд“, летово го напушти Манчестер јунајтед и сè уште е без ангажман.

- Оглас -

Најнови вести