Само за еден месец од доаѓањето во тимот на Интер Мајами, Лионел Меси направи фудбалот на Флорида да биде главна спортска тема. Откако Меси дојде во Интер Мајами, тимот кој немаше победа два месеца, сега реди само победи.
Во шест меча на кои Меси играше, Интер Мајами забележа исто толку победи, а Аргентинецот постигна неверојатни девет голови. Тоа што беше интересно е дека Меси кога ќе погодеше пред своите навивачи, славењето го прави во вид на некој од суперхероите.
„Моите три деца уште се на распуст и школото уште не им е започнато, па секоја вечер гледаме филм со некој суперхерој. Тогаш тие дојдоа до идеја и ми рекоа дека кога ќе дадам гол да направам прослава како некој од суперхероите, се договоривме тоа да биде само на средбите кои ги играме на домашен терен затоа што тогаш можам да бидам блиску до нив и можеме заедно да ги споделиме тие моменти“, објасни Меси.