ГФК Охрид реагира: Да објаснат агрономите од ФФМ како ние ќе го оштетиме теренот, а Воска и Вардар ќе ја “галат” тревата.

Натпреварот од второто коло во Втората фудбалска лига на Македонија меѓу Охрид и Караорман кој треба да се игра утре на „Билјанини извори“ е одложен, со што предизвика реакција кај поранешниот македонски репрезентативец и претседател на ГФК Охрид, Данчо Целески.

Оваа одлука на Фудбалската федерација на Македонија е донесена на помалку од 20 часа од предвидениот термин на одигрување на натпреварот. ФФМ го одложила мечот со цел да се зачува теренот за мечот на Струга ТЛ и Бреидаблик кој треба да се игра идната недела.

Целески најави дека ќе го тужи ФФМ бидејќи дозволила да се игра мечот од Првата лига меѓу Воска и Вардар, а го одложила езерското дерби.

СООПШТЕНИЕТО НА ЦЕЛЕСКИ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ.

Утре на ден 19-ти август ТРЕБАШЕ да се игра првенствен натпревар помеѓу ГФК Охрид и ФК Караорман – ЕЗЕРСКО ДЕРБИ! Караорман годинава слави 100 години од постоење, а Охрид 104 години од постоење – 100 години ЕЗЕРСКО ДЕРБИ.

Некои луѓе од ФФМ наречени комисија ни го одложија натпреварот денес околу 17 часот, тие луѓе најверојатно немаат осетено ни 100 натпревари во животот. Добивме соопштение – инструкции дека натпреварот ни е одложен без никакви наведени проблеми или причини.

Неофицијално од мои лични контакти е одложен натпреварот поради потреба да се ЧУВА ТЕРЕНОТ од штета, бидејќи ФК Трим и Лум Струга треба да игра европски натпревар следната недела. Да е шегата поголема ФК Воска Охрид во недела игра првенствен натпревар против Вардар во Охрид на ИСТИОТ СТАДИОН! Е сега да објаснат овие агрономи како ние ќе го оштетиме теренот а Воска и Вардар ќе ја “галат” тревата.

Вакво ЛУДИЛО фудбалско не сме доживеале одамна. Наместо да ни кажат со време да го организираме натпреварот на друго место во друго време ние бевме подценати како клуб од втора лига…

ГФК Охрид Лихнидос ги има исплатено сите свои обврски према ФФМ и сите институции во државата. За утрешниот натпревар се организирани карантин, прехрана, навивачки спектакл и се друго по ред… Преку 10 илјади евра трошок. Луѓе пристигнати од странство го продолжија својот престој за да бидат присутни на натпреварот и две менаџерски групи (Унгарија и Словенија) се веќе присутни во градот за да го следат натпреварот.

После оваа лакрдија, Јас Данчо Целески Претседател на ГФК Охрид, долгогодишен спортски работник најавувам оставка која ќе ја поднесам до управниот одбор и до Градоначалникот на Град Охрид. Истотака ќе покренам тужба за загубена штета во име на ГФК Охрид против луѓето потписници на оваа одлука и против ФФМ.

Спортски Поздрав до сите вистински љубители на фудбалот во Македонија!
Данчо Целески
Претседател на ГФК Охрид Лихнидос

 

 

- Оглас -

Најнови вести