Со заминувањето на Карим Бензема летово, Винисиус жуниор од оваа сезона е главен напаѓач на Реал Мадрид, со што започнаа споредбите со големите ѕвезди на Кралевите.
Бразилецот во 2018 година пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ како 18-годишно момче, и тоа токму кога од тимот си замина најголемата ѕвезда, Кристијано Роналдо.
Португалецот во Реал пристигна во 2009 година со статус на најголема фудбалска ѕвезда на светот заедно со Лионел Меси и во првите пет сезони го оправда тој статус.
Роналдо одигра 246 натпревари за Реал Мадрид во првите пет сезони и постигна дури 252 гола, притоа имаше и 73 асистенции. Португалецот освои само шест трофеи.
Винисиус жуниор во Реал Мадрид пак пристигна со статус на еден од најталентираните фудбалери на светот, но веднаш падна во сенка на Карим Бензема, кој пак експлодира по заминувањето на Роналдо во Јувентус.
Сепак, Бразилецот во првите пет години како Крал успеа прво да се избори за место во првиот тим, а од оваа сезона да биде и главен напаѓач на Реал и најголема ѕвезда на тимот.
Винисиус во првите пет години во дресот на Реал Мадрид одигра 225 натпревари и постигна четирипати помалку голови од Роналдо, 59, оствари 64 асистенции, но освои повеќе трофеи од Португалецот.
Бразилецот со Реал Мадрид освои девет трофеи, двапати триумфира во Ла Лига, во шпанскиот Суперкуп и на Светското клупско првенство, а по еднаш во шпанскиот Кралски куп, во Лигата на шампионите и во европскиот Суперкуп.