Иљазовски треба да го замени Ристовски во репрезентацијата, но во нашата лига има десеттина фудбалери со иста или поголема вредност

Голем дел од медиумите денес најавија дека фудбалската репрезентација на Македонија веќе во септември може да има нов фудбалер. Се работи за Ахмед Иљазовски од новиот дански прволигаш Хвидовре.

Тој е фудбалер кој настапува на десната бековска позиција и е роден на 31.07.1996 година. Апсолутно анонимен за македонската јавност, со оглед на тоа дека на интернет не може да се најдат многу податоци, ниту каде е роден, ниту со сигурност дали воопшто има македонски пасош или допрва треба да извади.

Сепак, со едноставен преглед на специјализираниот сајт Трансфермаркет може да се забележи дека моменталната вредност на Иљазовски е 200.000 евра, што е некакво мерило за квалитет во фудбалот.

Доколку ја споредиме вредноста на Иљазовски со фудбалерите од македонското првенство кои настапуваат на позицијата десен бек, ќе дојдеме до заклучот дека со иста или поголема вредност се дури деветмина фудбалери.

Најголема вредност според Трансфермаркет кај десните бекови кои настапуваат во Првата лига има Методи Максимов од екипата на Шкендија, 350.000 евра. Вредност од 250.000 евра имаат четворица фудбалери, и тоа: Кристијан Тошевски (Шкупи), Башким Велија (Шкендија), Мевљан Мурати (Работнички) и Георгије Јанкулов (Брера). Еднаква вредност со онаа на Иљазовски, односно 200.000 евра имаат исто така четворица фудбалери – Меџит Незири (Струга), Стефан Лазаревиќ (Силекс), Бојан Илиевски (Македонија ЃП) и Владица Брдаровски (Вардар).

Ахмед Иљазовски е најавен како замена за капитенот Стефан Ристовски, кој одлучи да не настапува за репрезентацијата додека Благоја Милевски е селектор. Останува да се види конечниот список за дуелите против Италија и Малта, кој треба да биде објавен многу наскоро.

- Оглас -

Најнови вести