Светското првенство во атлетика кое изминатите денови се одржуваше во Будимпешта, Унгарија, заврши со спектакуларната трка на 4х400 метри во женска конкуренција и фантастичниот финиш на Фемке Бол.
Холандската штафета триумфираше на последната трка на Светското првенство, но тоа што го направи Бол, ќе се прераскажува уште долго време.
https://twitter.com/i/status/1695889269645025575
Светската шампионка на 400 метри со пречки, беше последна измена на Холанѓанките и во последните 100 метри влезе со заостаток од 7-8 метри зад Стејси ен Вилијамс од Јамајка и Никој Јергин од Обединетото Кралство. Но, Бол со фантастичен финиш успеа да ги помине Вилијамс и Јергин и да и донесе златен медал на Холандија. Главниот фаворит за златото, штафетата на САД беше дисквалификувана во полуфиналната трка.
Во истата дисциплина во машка конкуренција победи САД пред Франција и Обединетото Кралство.
Во скок во височина во женска конкуренција славеше Украинката Јарослава Махучих со прескокнати 201 сантиметар, пред Еленор Патерсон од Австралија и Никол Олислејгер, кои прескокнаа 199 сантиметри.
Индиецот Нераж Чопра го фрли копјето најдалеку, 88,17 метри и сега е актуелен светски и олимписки шампион во оваа дисциплина. Второто место му припадна на Аршад Надим од Пакистан (87,82), а трет беше Јакуб Вадлејх од Чешка (86,67).
Во финалето на 5.000 метри победи Норвежанецот Јакоб Ингебригтсен со време од 13:11,30 минути, пред Шпанецот Мохамед Катир и Јакоб Кроб од Кенија.
Во трката на 800 метри победи Мари Мора од Кенија преки Британката Кело Хоџкинсон и Американката Атинг Му. На трката на 3.000 метри стиплчес, златниот медал го освои Винфред Мутиле Јави од Бахреин.