Клоп: Ова е мојата најголема победа во кариерата, за ова ќе им раскажувам на внуците

Ливерпул вчера во дербито на третото коло во Премиер лигата го совлада Њукасл со 2:1 иако од 28-та минута играше со играч помалку по исклучувањето на Вирџил ван Дајк, а згора на тоа веќе имаше негатива од 1:0.

Но, во второто полувреме, Црвените направија голем пресврт, а најзаслужен за тоа е Дарнин Нуњес кој ги постигна двата гола, првиот со кој го израмни резултатот во 81-та минута, а вториот вреден три бода, го даде во третата минута од судиското продолжение.

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, изјави дека е презадоволен од победата.

„Ова дефинитивно е мојата најголема победа. Беше потешко отколку против Барселона во ЛШ кога надоместивме негатива од три гола. Во илјада натпревари кои сум ги водел од клупата, никогаш не било вака. Со десетмина фудбалери на гостински терен и против ваков противник, сигурен сум дека вакво нешто не се случило. Ова се ретки и супер специјални моменти“, изјави Клоп.

Германецот откри и што им зборуваше на своите фудбалери на полувремето кога имаа негатива од еден гол и играч помалку.

„Им реков дека ова би можело да биде нешто што ќе им го раскажуваме на нашите внуци. Јас ќе ги видам моите за десет дена и сигурно ќе им кажам. На играчите им реков дека две работи мора да бидат јасни, не смееме да примиме втор гол, а Трент Александер-Арнолд не смее да добие втор жолт картон. Ако тие работи се остварат, ќе имаме шанса“, откри Клоп кој беше презадоволен од џокерот Нуњес.

„Само го прегрнав и го охрабрив да се обиде да и помогне на екипата. Не е среќен што не беше во првиот тим, но не може да играат повеќе од 11 играчи. Треба да создадеме нов начин на игра и Дарвин може да биде клучен дел од тоа. Се ќе биде во ред, едноставно мораше да биде вака“.

- Оглас -

Најнови вести