Женските одбојкарски репрезентации на Србија и на Турција в недела ќе играат во финалето на Европското првенство, откако денеска славеа во полуфиналните пресметки против Холандија, односно Италија.
Србија со 3-1 во сетови и тоа со 25:21,15:25,25:22,25:21 ја совлада Холандија и доби шанса в недела со евентуална победа во финалето во исто време да биде и европски и светски шампион.
Во првиот сет, одлучувачки момент беше водството од 18:14 за српските одбојкарки по кое Холанѓанките не успеаја да се вратат во игра. Во вториот сет дојде до опуштање кај одбојкарките на Србија кои премногу грешеа и тоа знаеја противничките да го казнат со убедливи 15:25.
Третиот и четвртиот сет, Србија ги доби на идентичен начин, со пресврт во финишот. Во третиот сет, Холанѓанките ги контролираа работите до 17:17, по што следеа два поени по ред за српските одбојкарки кои потоа ја зачуваа предноста до крајот за 25:22.
Во четвртиот сет, првото водство на Србија беше при резултатот 20:19, а потоа благодарение на Маја Огњеновиќ и Тијана Бошковиќ кои беа најдобри кога беше најпотребно, славеа со 25:21 за 3-1 во сетови и пласман во големото финале.
Во првото полуфинале, Турција со 3-2 во сетови (18:25,25:23,15:25,25:22,15:6) го совлада актуелниот европски шампион Италија.
Турција и Србија веќе еднаш играа во финалето на ЕП, во 2019 година и тогаш славеа српските одбојкарки со 3-2 во сетови.