Пандев: Миовски игра одлично во Шкотска, а мислам дека би бил одличен и во Италија

Легендарниот македонски фудбалер, Горан Пандев, за „Кориере дело спорт“ откри кои четворица фудбалери на Црвено-жолтите треба да се следат за време на саботниот дуел од квалификациите за пласман на ЕП 2024 против Италија.

„Барди е поранешен фудбалер на Леванте, а сега игра за Трабзонспор и ќе биде капитен на саботниот меч. Знаете дека Елмас може да предизвика „искра“ на теренот. Навистина го сакам напаѓачот на Абердин, Миовски. Тој игра одлично во Шкотска и мислам дека би бил одличен и во Серија А. И тука е и Александар Трајковски иако е слободен играч“, изјави Пандев за „Кориере дело спорт“.

Токму Трајковски беше херојот на Македонија на последниот дуел меѓу Црвено-жолтите и Италија кој се играше во Палермо пред две години во полуфиналето од баражот за пласман на СП 2022. Трајковски единствениот гол за победа го постигна во 92-рата минута и ја однесе Македонија во финалето на баражот, каде што загуби од Португалија со 2:0.

Пандев за „Кориере дело спорт“ изјави дека Лучано Спалети е идеално решение на Аѕурите за селекторското столче.

„Според мене, Спалети е вистинскиот човек за Италија. Го познавам Лучано, тој е добар човек кој со Наполи играше фантастиченд фудбал. Што се однесува до претходниот селектор, Роберто Манчини, тој направи голема работа, но мислам дека си замина во погрешно време. Беше многу блиску да се квалификува со Италија на ЕП, но веројатно сакал промена“, рече Пандев.

- Оглас -

Најнови вести