Аферата „Бакнеж“ ќе го чини Луис Рубијалес оставка од претседателската функција во Фудбалската федерација на Шпанија (РФЕФ). Рубијалес во гостувањето кај англискиот новинар Пирс Морган одлучи јавно да поднесе оставка.
„Што се однесува до мојата оставка, да, ќе го направам тоа. Ќе го направам тоа бидејќи не можам да ја работам мојата работа. Разговарав со татко ми, со ќерките и со блиските пријатели и сите ми рекоа дека морам да го зачувам достоинството и да продолжам со животот бидејќи во спротивно ќе ги повредам луѓето кои ги сакам. Преживеав тешки моменти во последните неколку недели, но станува збор само за мене“, изјави Рубијалес.
Со овој потег на Рубијалес, се наѕира крајот на аферата Бакнеж, која ќе продолжи во шпанскиот суд бидејќи тужба против него поднесе фудбалерката Џени Ермосо.
Луис Рубијалес по триумфот на фудбалерките на Шпанија над Англија од 1:0 во финалето на Светското првенство, на победничкиот подиум, пред камерите ја бакна во уста фудбалерката Ермосо.
Тој потег предизвика големи реакции во фудбалскиот свет, многумина побараа оставка од Рубијалес, а ФИФА одлучи да го суспендира на 90 дена додека спроведува интерна истрага. Шпанската влада исто така побара негова оставка, а дел од министрите побараа од шпанскиот суд да го суспендира Рубијалес, кој одбиваше да си замине од функцијата. Поради големиот притисок, Рубијалес сега одлучи конечно да поднесе оставка.