Со висок пораз од девет гола разлика, македонскиот првак Еурофарм Пелистер ја започна сезоната во Лигата на шампиони. Норвешкиот Колстад беше подобар со 31:22, а тренерот на Пелистер, Александар Јовиќ, е разочаран бидејќи смета дека поразот е превисок.
„Честитки за победата на Колстад. На противникот му посакувам среќа и успех во понатамошните натпревари во Лигата на шампионите. Лошо го отворивме натпреварот, имавме голема желба и бевме борбени, но не реализиравме многу зицери. Според мојата статистика, промашивме девет зицери, а имавме и 3-4 технички грешки. Затоа сметам дека не заслуживме пораз од девет разлика. Овој натпревар треба да биде поука за понатаму и големо искуство. Екипата е речиси нова и затоа ни треба време. Ова не е алиби за поразот, туку тоа е реалност“, рече тренерот Јовиќ веднаш по мечот.
Капитенот Жарко Пешевски признава дека противникот бил подобар, а упати и благодарност за сите коишто дадоа поддршка од трибините во салата.
„Колстад беше супериорен на терен. Ги искористи нашите грешки, а и ние имавме многу промашувања. Мислам дека мора да додаме гас и да бидеме подобри во иднина во Лигата на шампионите. Ни треба поддршка од сите. Голема благодарност до публиката којашто дојде во толкав број и нè бодреше во текот на целиот натпревар. Само заедно ќе го најдеме вистинскиот пат и така ќе бидеме подобри во иднина“, констатираше Пешевски.