Руди му покажа заби на славниот Мохамед Али, сега е бездомник во Бугарија

Летечкиот Холанѓанец Руди Либерс живее како бездомник во Бугарија без струја и без вода повеќе од 18 месеци, а низ мислите му минуваат славните боксерски денови од 70-те години на минатиот век.

Во приколка и во друштво на своите миленици, кучињата, Руди го прослави 73-тиот роденден, за жал, во последните години живеејќи на работ на пристоен живот, како бездомник.

Во минатото тој беше најдобриот холандски боксер, со учества на две Олимпијади, во 1964 и 1968 година и еден меч за паметење против големиот Мохамед Али.

Како професионалец во октомври 1973 година во Џакарта, Либерс одлично му се спротивстави на големиот шампион и загуби на поени по беспоштедна битка во 12 рунди.

„Неколку години по таа битка, Али дојде во Холандија да ме посети. Велеше Руди ти си единствениот бел боксер од кого научив нешто во боксот“, вели Либерс.

Чудната животна траекторија го водеше од Холандија, преку Либан, Мароко, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Португалија и во Бугарија.

Моментно живее во југоисточна Бугарија, во малото место Кошарица, а единствена желба е што поскоро неговата сопруга да му се врати од лекување и да има барем малку попристојни услови за живот.

„Најважно од сè е да ми се врати сопругата Рија. Сакам да имаме нормален живот, но не сум оптимист“ додава Руди.

Како професионалец имаше 36 меча, победи на 28, од нив 13 ги доби со нокаут, а има и 8 порази, едниот од нив против големата боксерска легенда Мохамед Али.

- Оглас -

Најнови вести