Лионел Меси даде интервју во кое говореше на повеќе теми, а една беше и неговата разделба со Пари Сен Жермен летово.
Меси се двоумеше дали да остане во ПСЖ или да си замине, а одлуката да не го продолжи договорот кој му истече летово ја донел уште во јануари, по Светското првенство на кое тој со Аргентина го освои златото победувајќи ја Франција во финалето.
„Јас бев единствен од тимот кој не доби признание од својот клуб за освоеното Светско првенство. Сите други 25-мина играчи од репрезентацијата добија“, вели Меси.
По освоениот Мундијал, Меси доби пехарче и соиграчите од ПСЖ му аплаудираа додека стоеја построени како почесна гарда, но Аргентинецот изгледа очекувал и на стадионот пред фановите да има некаква церемонија. Од клубот не се решија на таков потег за да не ги провоцираат навивачите, кои сепак се Французи и навиваа против Меси во финалето на СП.