Кјелце како гостин го победи Колстад со 32-30, што за полскиот тим е прва победа, а за Норвежаните прв пораз по две кола во групата А од ракометната Лига на шампиони во која се наоѓа и битолскиот Еурофарм Пелистер.
Кјелце првото полувреме го доби со шест гола разлика, а иако домашните во финишот намалија и се заканија, сепак победата на фаворитот не беше сериозно загрозена.
Во другиот меч од групата, Пари Сен Жермен со 35-31 го совлада ППД Загреб. Кај хрватскиот тим, кој исто како и Пелистер има два порази, најефикасни поединци вечерва беа некогашните вардарци Куни Моралес со 9 и Тимур Дибиров со 5 гола.