Дуелот меѓу двата најтрофејни клубa во Србија, Црвена ѕвезда и Партизан, кој требаше да се игра утре, сепак ќе има нов термин за пресметка на теренот. Во Србија денеска беше одлучено дека 27 септември ќе биде прогласен за Ден на жалост поради настраданите во немирите на Косово, па тоа значи дека нема да има никакви спортски и културни настани.
Партизан требаше да биде домаќин на својот терен во меч на кој Црвена ѕвезда уште пред неколку дена се закани дека нема да игра, и тоа поради одлуката за главен судија да биде поставен Јовановиќ. Сега, поради сосема друга причина, вечното 171-во дерби нема да се игра во предвидениот термин.
По седум одиграни меча, Партизан е втор на табелата со 19 бода, колку што има и лидерот ТСЦ Бачка Топола, додека Црвена ѕвезда е на третото место со освоени 15 бода. Освен градското дерби, за утре беа закажани уште два меча од српската Супер лига, кои сигурно ќе бидат одложени.