Кошаркарскиот шампион на Македонија, МЗТ Скопје, и телекомникацискиот оператот МТЕЛ денес и официјално потпишаа договор за соработка, со што аеродромци добиваат нов партнер во амбициите за одбрана на трофеите на домашната сцена и враќање во најквалитетното јадранско друштво.
„Голема чест и задоволство, притоа и голема одговорност да ја оправдаме поддршката што ќе ја добиваме од оваа успешна компанија. Ова е соработка на два субјекта коишто се водечки во својата дејност“, вели Филип Ѓорески, ивршен директор на МЗТ Скопје.
Генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ, се надева дека компанијата ќе има удел во уште поголеми успеси за клубот од скопски Аеродром.
„Горди сме што можеме да бидеме дел од успешната приказна на МЗТ. Честитки за МЗТ, кој викендов освои уште една титула. Нашата компанија секогаш вложува во спортот и е докажан пријател на спортот. МЗТ ќе има целосна поддршка од нас во новата сезона и верувам дека ќе имаме многу заеднички успеси“, вели Лопичиќ.
Потпишувањето на договорот помеѓу МЗТ Скопје и МТЕЛ го поздрави и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
„Кошаркарите на МЗТ се идолите на младите аеродромци. МЗТ не е обичен клуб, тоа е емоција, начин на живот. Со Оваа поддршка од МТЕЛ се дава значаен придонес во македонскиот спорт“, рече Муцунски.
Договорот помеѓу МЗТ Скопје и српската компанија МТЕЛ е потпишан за времетраење од една година, но кај двете страни постои надеж дека успешната соработка ќе продолжи и потоа.