Еурофарм Пелистер загуби, но одигра храбро против гигантот Кил и покажа дека заслужено е во ЛШ

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер загуби од германскиот шампион Кил со 20:23 во меч од третото коло во Лигата на шампионите. За Еурофарм Пелистер ова е трет пораз во исто толку меча, но овојпат битолчани одиграа храбро и покажаа дека заслужено се дел од елитната лига на ЕХФ. Кил останува перфектен со три триумфа.

Уште пред мечот беше јасно дека најтрофејниот германски клуб е голем фаворит за победа, но битолчани одиграа дуел во којшто му парираа на гигантот. Одбраната беше таа која доминираше во двете екипи, а Е. Пелистер беше рамноправен на теренот. Беше 6:6, а кога Кил стигна до 10:7, битолчани намалија на 10:9, а на полувреме гостите заминаа со предност од два погодока (11:9).

Во второто полувреме Кил водеше со 13:10, но Е. Пелистер не само што не се предаде туку и стигна до 16:16. Потоа се играше гол за гол и така беше до 49-тата минута, кога беше 19:19. Тогаш следуваше клучниот момент на мечот. Еден играч на Пелистер беше исклучен, тоа го искористија гостите коишто постигнаа три гола во низа и стигнаа до 22:19.

Во овој период битолчани промашија еден пенал, еден зицер од контранапад и три напади, па дури во 56-тата минута погодија за 20:22. Потоа домаќините имаа три напади за да намалат на еден разлика, но ниту еднаш не беа успешни, па Кил откако успеа да се одбрани, во последната минута од средбата погодија за 23:20 и ставија точка на овој интересен дуел.

Голманот на Еурофарм Пелистер, Гедван, имаше осум интервенции, а во нападот Радивојевиќ постигна 5 гола (три од пенал), Зехте погоди четирипати, додека по три погодоци постигнаа Пешевски и Петар Атанасијевиќ.

Во следното коло македонскиот првак гостува кај ПСЖ.

- Оглас -

Најнови вести