Не го мешајте Вардар во вашите политички пресметки

Раководството на Вардар побара Црвено-црните да не бидат дел од политичките пресметки и побара помошта која советот на Град Скопје во јули ја изгласа, конечно да легне на сметката на клубот.

Пред два месеца советот на Град Скопје акламативно и без никакви амандмани донесе одлука финансиски да му се помогне на Вардар со 15 милиони долари и ѝ порача на градоначалничката Данела Арсовска да најде начин тие пари да легнат на сметката на Црвено-црните. Но, парите сè уште не се легнати на сметката на Вардар и Миленковски јавно прашува каде е проблемот.

„Сведоци сме дека јавно беше пренесувана седницата на која се зборуваше за ФК и РК Вардар на кои требаше да им се додели финансиска помош. Поднесените амандмани беа алиби за неспроведување на волјата на народот.

Точката 5 за помош на ФК Вардар во износ од 15 милиони денари беше изгласана со акламација и без никакви амандмани и сега прашуваме зошто тие пари сè уште не ни доделени. Ние бараме таа да се спроведе. Не бараме ништо повеќе од она што му е веќе доделено на ФК Вардар. Таа помош на Вардар му е потребна во моментов. Ние немаме други средства за да го спасуваме Вардар во моментов. Тие пари ние се потребни. Ова јавно го кажувам сега. Политички игри околу Вардар не сакаме. Тргнете ги политичките игри околу клубот. Вардар е на народот на Скопје, на Македонија“, порача Миленковски.

Претставникот на навивачката група Комити во управата уште еднаш потенцира дека скопските општини му помогнаа во овие тешки времиња.

„Некои од општините ја сфатија пораката и реагираа во 5 до 12 часот и не бараме никого да осудиме. Со дел од општините имаме добра соработка. Со Аеродром имаме добра соработка и кон средината на идниот месец ќе биде отворен теренот покрај салата СЦ „Јане Сандански“ и таму ќе биде седиштето на младинско-пионерската школа која повторно ќе го носи името Кирил Симоновски-Џина.

Кисела вода беше прва која ни помогна и можам да најавам потесно партнерство со општината во иднина. Ни помогна и Општина Ѓорче Петров. Сè се тоа институции кои ни се најдоа кога беше најтешко. Браво за нив. Општина Центар е во тој ред исто така. Јавно ја прозивам општина Карпош. Каде е и зошто не ни помага? Останатите околни скопски општини исто така ни помагаат колку можат. Вардар е на сите, сите навиваат за Вардар, време е тоа да го покажат на дело“, додава Миленкоски.

- Оглас -

Најнови вести