Хајдук по вторпат сезонава го победи Динамо, и со тоа прави крупни чекори кон освојување на толку посакуваната титула во хрватската фудбалска лига.
Со поддршка од над 33.000 фанови облечени во бело кои им даваа енергија, играчите на Хајдук немаше како да не го победат Динамо во чии редови има проблеми периодов, а еден од проблемите е и повредата на Стефан Ристовски.
Сплитскиот клуб прослави јубилеј бројка од 100.000 членови и тоа ја зачини победата над најдоминатниот клуб од осамостојувањето на Хрватска.
„Ова е Хајдук, ова е чудо, овие луѓе не се нормални. Фала му на Бога што победивме. Им честитам на навивачите и соиграчите. Мечот беше тежок, и едните и другите имавме шанси, ние нашата ја искористивме. Ова ми е најдраг гол во кариерата. Од утре мора да го заборавиме овој меч, има уште многу за играње“ – рече стрелецот Емир Сахити, косовскиот репрезентативец кој во минатото го носеше дресот на Работнички.