Тејлор Хит, еден од најпознатите англиски адвокати чија специјалност е спортското право, вели дека натпреварот меѓу Тотенхем и Ливерпул може да биде преигран поради големиот пропуст на главниот судија.
Мечот кој заврши со триумф од 2:1 на Тотенхем, го одбележа поништувањето на голот на Луис Дијас во 34-тата минута поради офсајд иако и пред ТВ-камерите беше очигледно дека играчот на Ливерпул беше во регуларна позиција.
Подоцна Премиер лигата го објави разговорот меѓу судијата на теренот и тие во ВАР-собата на кој се слуша дека имало големо недоразбирање. Судиите во ВАР-собата помислиле дека судијата на теренот барал проверка дали Дијас е во регуларна позиција, а не дали е во офсајд, по што експресно му одговориле дека проверката е завршена.
Откако виделе дека судијата го поништи голот, му се јавија уште еднаш за да му кажат дека голот е регуларен, но одговорот бил дека веќе не може да се менува одлуката. Адвокатот Хит смета дека има едно правило кое може да донесе до преигрување на натпреварот.
„Правилото Л18 вели дека бордот на Премиер лигата може да нареди да се преигра натпреварот доколку тоа го предложи комисијата според правилото В51. Покрај тоа, правилото В1 вели дека бордот на Премиер лигата има моќ да истражи какви било прекршувања на правилата, вклучувајќи ги и тие кои ги направиле судиите, додека правилото Н4 овозможува секој судија да даде согласност неговите одлуки да бидат преиспитани согласно правилата и протоколите на Фудбалската федерација на Англија. Ова му овозможува на Ливерпул да лобира во Премиер лигата и да го убеди бордот да ги примени овие правила, да формира комисија, на што има право и на тој начин да бара преигрување на натпреварот“, вели Хит.