Екипата на Работнички загуби од Донар Гронинген со 65:62 во третото коло од ФИБА Купот на Европа и на крајот заврши како последен во групата од четири екипи. Работнички дури реши да биде домаќин на овој турнир кој се играше во СРЦ „Кале“, но и тоа не беше доволно да се победи барем еднаш.
Дуелот против Донар Гронинген беше меч на два тима коишто немаа победа, а на крајот гостите од Холандија се израдуваа и го избегнаа местото наменето за фенерџијата. Првата четвртина беше израмнета, а гостите завршија со предност од 18:17.
Во втората четвртина Гронинген стигна до предност од 30:21. Во овие 10 минути Работнички постигна само седум поени. Во третата четвртина холандскиот тим постојано ја чуваше предноста која најмногу изнесуваше 44:34.
Работнички во ниту еден момент не успеа да ја стигне предноста на противникот и на крајот тимот од Градски парк кој по пауза од шест години играше во Европа, загуби третпат во третиот меч.