Фудбалската репрезентација на Македонија во сабота го игра можеби најважниот натпревар во квалификациите за Европското првенство против Украина на неутрален терен во Прага. Победа во овој дуел може да донесе голем пресврт и Македонија да ја врати на голема врата во борбата за втората позиција на табелата. Во такво нешто веруваат и нашите репрезентативци Бојан Миовски и Висар Муслиу.
– “Имавме позитивни резултати на последните два натпревари. Прво нерешено дома со Италија, потоа и со Малта на гости. Имаме позитивна атмосфера и треба да го задржиме овој моментум и да го искористиме на најдобар можен начин. Играме сега со Украина и мислам дека овој е еден од најбитните натпревари во нашата група. Мислам дека со победа ќе ја закомпликуваме групата и секако дека имаме свои шанси за второто место. Ние на овој натпревар целиме на победа, на три бода, верувам дека сите што ќе истрчаат на теренот ќе бидеме сплотени како никогаш до сега и ќе дадеме се од себе за да го израдуваме Македонскиот народ.“ – вели напаѓачот на фудбалската репрезентација на Македонија, Бојан Миовски.
– “Во нашата група секој натпревар е важен, кога гледаш противниците каков квалитет имаат. Секоја победа е добредојдена за нас. Ние со таква намера одиме во Прага и се надевам дека ќе ги освоиме трите бода.“ – вели столбот на нашата одбрана, Висар Муслиу.