Македонска помош за Висла – Остоја Стјепановиќ се приклучи во акцијата за спас

Остоја Стјепановиќ не ја заборави својата Висла Краков и веднаш се приклучи во акцијата за спас на полскиот клуб што ја иницираа навивачите.

Досега се собрани над еден милион евра, што е за респект, а веднаш без размислување помош понуди и Стјепановиќ.

„Минав прекрасни две години во Висла, клуб кој е гигант во Полска. Скромно, но искрено се вклучив во акцијата за спас на Висла, а потегот на навивачите е за голем респект. Мојот дрес од времето кога играв за Висла ќе оди на аукција, а купив и годишен билет за натпреварите на мојот поранешен клуб“, вели Стјепановиќ, моментно фудбалер на нашиот прволигаш Македонија Ѓорче Петров.

Навивачите собраа околу еден милион евра и ја иницираа акцијата за спас на Висла, клуб со светла традиција и со 13 титули во Полска.

На повик веднаш се јавија и многу асови што играле за клубот, а меѓу нив е и Остоја. Во клубот се врати и познатиот Јакуб Блашчиковски, кој ќе игра за плата од 250 евра, но и таа ќе оди во фондот за спас на Висла, а патем поранешниот член на Борусија Дортмунд ќе донира и околу 300 илјади евра.

Вкупно досега се собрани околу 1.712.000 евра, а акцијата се уште трае, па спасот за гигантот од Полска е сè поизвесен.

- Оглас -

Најнови вести