МЗТ го доби македонското АБА 2 дерби, за битолчани недоволни тројките и слободните фрлања

МЗТ Скопје Аеродром го совлада Пелистер со 91-78 во второто коло на АБА 2 лигата, на турнирот во Суботица, па сега двата тима имаат по една победа и пораз по два одиграни меча.

Актуелниот македонски првак во првата четвртина прими многу поени, шутот за три поени на битолчани беше феноменален, но потоа Металците во вториот квартал примија само 15 поени и тука ја направија клучната разлика која знаеја да ја задржат до крај.

Лука Стојановски (екс член на МЗТ) од Пелистер со 22 поени беше прв стрелец на мечот, а кај поразениот тим по 20 поени уфрлија Андреј Маслинко и Александер Бернард, но никој друг освен нив тројца не даде повеќе од шест поени.

Кај МЗТ поените беа подобри распоредени, имаше петмина со двоцифрен број на поени, а најефикасен беше Војдан Стојановски со 20 поени, додека брат му Дамјан даде 16, колку и Душан Танасковиќ.

Пелистер имаше повеќе реализирани тројки и слободни фрлања, повеќе скокови, повеќе асистенции и блокади, но сепак загуби затоа што МЗТ имаше помалку загубени топки и одлилчна реализација на шутевите за два поени.

Следниот АБА 2 турнир се игра во ноември.

- Оглас -

Најнови вести